Туки Смит, манекенката и актерка која остави белег и на модната писта и на екранот

Туки Смит, американската манекенка и актерка која работеше со водечки модни имиња и се појави во филмови и телевизиски серии, починала на 75 години. Веста ја потврдиле нејзините близнаци, Ајрин и Џулијан де Ниро, кои ги добила со актерот Роберт де Ниро. Според „Холивуд репортер“, Смит починала на 4 ноември во болница во Њујорк, по долгогодишна борба со мултиплекс склероза.
Ајрин се збогувала со мајка си преку објава на Инстаграм, споделувајќи нивна стара заедничка фотографија и кратка порака: „Секогаш ќе те сакам, мамо“. Таа потоа напишала и „Почивај во мир, мамо“.
Смит е родена како Дорис Смит, а прекарот Туки ѝ го дала баба ѝ. Во интервју за „Лос Анџелес тајмс“ од 1990 година, таа раскажала дека баба ѝ го добила името од детска плоча за црвено противпожарно возило. „Отсекогаш сум имала многу енергија“, рекла тогаш Смит.
Манекенската кариера ја започнала во 1972 година, додека студирала на Технолошкиот институт за мода во Њујорк. Работела со дизајнери и модни куќи како Ив Сен Лоран, Живанши, Тиери Муглер, Иси Мијаке и Патрик Кели. Нејзините фотографии биле објавувани во списанија меѓу кои „Вог“, „Ебони“ и „Космополитан“, а во 1978 година стоковната куќа „Блумајндел“ ја прогласила за модел на годината.
Подоцна се насочила кон глумата. Се појавила во серијата „Мајами вајс“, а една од познатите улоги ѝ била Ева Роули во комедијата „227“. Нејзините филмски појавувања ги вклучувале и „Talkin’ Dirty After Dark“, „I Like It Like That“ и „The Preacher’s Wife“.
Смит и де Ниро започнале врска во 1988 година, а близнаците ги добиле во 1995 година преку ин витро оплодување и сурогат-мајка. Двојката се разделила во 1996 година. Покрај кариерата во модата и глумата, Смит имала и ресторан во Њујорк.
Извор ↗