Ален Рустемовски по Европското првенство: „Мојата приказна не завршува тука“

Ален Рустемовски се огласи по настапот на Европското првенство и порача дека неуспехот да стигне до посакуваното злато нема да го запре. Боксерот, според својата објава на социјалните мрежи, вложил многу труд и време во подготовките, верувајќи дека може да се искачи на највисокото место на пиедесталот.
Тој не го крие разочарувањето од исходот, но воедно потсетува дека спортот носи и победи и порази. Како што напиша, натпреварувањето не секогаш се одвива според очекувањата, а секое искуство може да биде лекција и поттик за следните предизвици.
„Се спремав напорно, вложив многу во ова првенство и верував дека можам да освојам златен медал. Вчера не ја добив победата што ја заслужив, но таков е спортот. Не секогаш работите се одвиваат онака како што посакуваме“, порача Рустемовски.
По настапот, боксерот им се заблагодари на луѓето и институциите што му давале поддршка. Во својата порака ги спомена Боксерската федерација, Олимпискиот комитет, Министерството за спорт, Општина Битола и спонзорите, меѓу кои ја издвои компанијата „Адмирал Македонија“.
Посебно место во благодарноста им даде на семејството и најблиските. Според него, нивната поддршка останува важна и во најтешките моменти, кога разочарувањето од резултатот е најсилно.
Рустемовски најави дека продолжува понатаму и дека пред него има нови цели. „Мојата приказна не завршува тука. Пред мене се уште поголеми соништа и цели за кои допрва ќе се борам. Ќе продолжам да го давам максимумот од себе, сè додека не го остварам она за што работам и сонувам“, напиша тој.
Извор ↗