Бела Хадид ја популаризираше залижаната фризура, но експертите предупредуваат на ризик за косата

Цврсто врзаното опавче или мазната пунџа се брзо решение кога косата не сака да соработува. Овој уреден изглед лесно се вклопува со различни комбинации, но фризерите предупредуваат дека честото затегнување може да ја оптовари косата и да придонесе за нејзино проретчување.
Бела Хадид редовно ја носи оваа фризура уште од почетокот на 2020 година. Косата се повлекува наназад, се измазнува со производи за обликување и се фиксира за да добие чиста, затегната линија. Гелови, кремови и четки со густи влакна најчесто се користат за да се задржи мазниот ефект.
Според експертката за нега на коса Тина Муи, постојаното влечење може да предизвика тракциска алопеција — губење коса поради оптоварување на фоликулите. Тоа најчесто се забележува долж челото и кај слепоочниците. Муи за „Њујорк пост“ посочила дека проблемот не се појавува преку ноќ, туку може да се развива со долготрајно и често носење премногу затегнати фризури.
Таа предупредува дека залижаните опавчиња и пунџи можат да придонесат за кршење на влакната, намалена густина по рабовите и постепено повлекување на линијата на косата. Сепак, според нејзината процена, тие обично не се единствената причина за опаѓање. Хормоналната или нутритивната нерамнотежа, стресот, болестите, слабеењето поврзано со лекови и недостигот од сон, исто така можат да влијаат врз растот на косата.
Шејна Рејнфорд советува косата да не се затегнува премногу, фризурите да се менуваат и при чешлањето да се постапува нежно. Ако темето боли, пече или е иритирано, нејзината препорака е косата да се пушти. Така, мазниот изглед може да остане избор за посебни моменти, без постојано затегнување на коренот.
Извор ↗