Витор Переира дознал дека добил отказ од децата среде ноќ

Поранешниот тренер на Нотингем Форест, Витор Переира, тврди дека неочекувано дознал оти клубот ја прекинал соработката со него — од сопствените деца, среде ноќ. Во интервју за португалскиот портал „Zerozero“, тој се присетил на отказот во јуни и на начинот на кој, според неговите зборови, дознал за одлуката.
Переира рекол дека не забележал никакви сигнали дека клубот планира да го отпушти. Напротив, веќе размислувал за следната сезона: предлагал играчи, анализирал на кои позиции се потребни засилувања и ја подготвувал програмата за летните подготовки. Посочил дека ги избрал и пријателските натпревари со Спортинг и Виторија Гимараеш.
Тој раскажал дека само неколку дена пред отказот разговарал со челниците, меѓу кои и сопственикот Евангелос Маринакис, за иднината на тимот. Дури и ден пред да дознае за одлуката, од клубот го контактирале околу патување на турнир со Удинезе и Барселона. Затоа, како што кажал, немал причина да очекува дека соработката ќе заврши.
Тренерот признал дека заборавил на клаузулата во договорот што им дозволувала на двете страни еднострано да ја прекинат соработката до 23:59 часот на 30 јуни. Според него, токму тој рок го искористил Нотингем Форест.
„Се разбудив среде ноќ, а моите деца беа долу во дневната соба. Слушнав врева, слегов и тие ми рекоа: ‘Тато, доби отказ’. Така се случи“, раскажал Переира. Тој додал дека најмногу го погодил начинот на кој бил известен и сметал дека заслужил барем телефонски повик и објаснување.
Переира рекол дека по заминувањето немал понатамошни разговори со луѓето од клубот, но добил пораки од играчите, кои, според него, биле изненадени. Тој ја презел екипата во февруари и, како што е наведено во написот, ја предводел до опстанок во Премиер-лигата и полуфиналето на Лига Европа. По отказот, клубот назначил нов тренер. Переира вели дека по одморот е подготвен за нов предизвик и дека би сакал повторно да работи во англискиот фудбал.
Извор ↗