Слободан Унковски ја подготви „Црно злато“: семејната драма отвора теми за идентитетот и прифаќањето

Slobodan Unkovski
Во Македонскиот народен театар се одржа претпремиерата на „Црно злато“, драма од Дејан Дуковски во режија на Слободан Унковски. Премиерата е закажана за 27 ноември на Големата сцена. На прес-конференцијата, Унковски рече дека во работата со актерите вниманието го насочиле кон случувањата, динамиката и енергијата на сцената. Дејството се врти околу семејство чии премолчени судири излегуваат на површина кога Анѓела се враќа дома. Нејзиното враќање ги става на проверка семејните односи, патријархалните норми и подготвеноста на блиските да го прифатат нејзиниот веќе оформен идентитет. Преку ликовите, претставата ги отвора и прашањата за различните облици на љубов, комуникацијата и последиците од општествената транзиција. Унковски посочи дека преку дилемите на ликовите сакале да поттикнат размислување за личниот идентитет и прифаќањето на различностите. Дуковски, пак, откри дека почетниот импулс за приказната го нашол во драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле. Текстот му го посветил на својот професор Горан Стефановски, чие творештво, според него, оставило трага и во новата драма. За Дуковски ова е десетта претстава во МНТ и петта со Унковски. Тој рече дека од Стефановски научил многу за драматургијата и за животот. Насловот „Црно злато“ го поврза со опиумот и парите што ги носел, потсетувајќи дека Македонија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век била позната по квалитетното производство на опиум. Камка Тоциновски ја игра Анѓела и рече дека на улогата работела два месеца. Како најголем предизвик ги наведе брзите емотивни промени низ кои минува ликот. Јовица Михајловски го толкува таткото Димитрие, а во претставата настапуваат и Мими Таневска, Нела Павловска, Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски и Аксел Мехмет.
Извор ↗