Тед Тарнер им го оставил богатството на петте деца, а Џејн Фонда не добила наследство

Медиумскиот магнат Тед Тарнер, чија имотна состојба според „Форбс“ била проценета на 2,8 милијарди долари, во тестаментот ги навел своите пет деца како наследници. Според документите за кои известиле американските медиуми, Лора, Роберт, Рет, Рид и Сара се единствените што го наследуваат неговото богатство. Џејн Фонда, со која Тарнер беше во брак десет години, не е меѓу наследниците.
Тарнер го составил тестаментот во 2003 година, а потоа го менувал речиси секоја година до смртта, пренесува „Дејли бист“. Во документот, како што наведува изворот, им оставил на децата можност самите да решат дали ќе го задржат или ќе го продадат наследениот имот. Тарнер починал во мај, на 87-годишна возраст.
Тој и Фонда се венчале во 1990 година, а се развеле во 2001 година. Немале заеднички деца, но за време на бракот живееле заедно со неговите пет деца и нејзините три деца од претходни бракови. По разводот, актерката добила околу 40 милиони долари. Нејзиното денешно богатство се проценува на околу 200 милиони долари.
И покрај разделбата, Фонда и Тарнер останале блиски, а актерката често го нарекувала свој „омилен поранешен сопруг“. По неговата смрт му посветила емотивна објава на социјалните мрежи, во која се потсетила на почетокот на нивната врска и на неговиот авантуристички дух, ум и смисла за хумор.
Тарнер го основал CNN во 1980 година, а подоцна ја проширил медиумската дејност со каналите TNT и Cartoon Network. Во текстот се наведува и дека поседувал спортски клубови во Атланта и големи ранчови на кои одгледувал бизони. Со Фонда споделувал интерес за природата и филантропијата.
Извор ↗